
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании”, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година”, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми”, рече Филипче.


