Skip to main content
Македонија

Филипче: Шокиран сум од навредата на министерката Кочовска кон пратеничката Петровска

27/02/2025  17:01

Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочовска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози, напиша на Фејсбук лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување.

Жалам што Славјанка повторно е мета на напади. Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Често сме сведоци и на јавни исмевања и навреди од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, дури и на нејзиниот изглед. Тоа е нивната политичка култура – навреди, дискредитации и насилна реторика.

Но, Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат. Од ден во ден, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, сведочиме на пад на политичката култура и голема нетолеранција кон критиката. Ако ова е нивното однесување на самиот почеток, во првите моменти на нервоза, можеме само да замислиме што ќе следува. Барам сите граѓани кои веруваат во демократските вредности да го осудат овој срамен чин. Не смееме да дозволиме омаловажувањето и навредите да станат новата нормалност. Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени“ пишува во објавата на Филипче.