
Соопштение за јавност на СДСМ:
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за „Топ тема” на Телма телевизија, изрази сомневање дека целиот процес за влезот на Алта банка во Македонија бил договорен. Тој го проблематизираше консултирањето на гувернерот Трајко Славески со премиерот Христијан Мицкоски и посочи дека надлежните институции имале обврска да го проверат угледот на инвеститорот Давор Мацура и да го заштитат домашниот финансиски систем.
„Ако сакате да се договорите со премиерот, како што самиот господин кажува дека се консултирал, тогаш треба да се постави прашањето дали тука постои сомневање за некое дело. Ако го повикале, разговарале со него и притоа веќе имало објави во српските медиуми, тоа значи дека биле запознаени со тие информации. Ние се сомневаме дека целиот процес бил договорен”, истакна Филипче.
Говорејќи за поднесената кривична пријава, Филипче нагласи дека СДСМ укажува на несовесно вршење на службената должност поради непроверениот углед на инвеститорот.
„Сè што можеме, правиме. Поднесуваме кривични пријави. Кои факти и документи ги имаме? Дека постои несовесно вршење на службената должност, затоа што не е проверен угледот на инвеститорот, Давор Мацура.”, рече Филипче.
Тој посочи дека одговорноста за заштитата на банкарскиот и финансискиот систем е кај Владата и гувернерот, кои морале навремено да ги разгледаат информациите и сомневањата за инвеститорот.
„Тука одговорноста на Владата и на гувернерот е да го штитат нашиот банкарски и финансиски систем. Тоа е нивна работа. Затоа се избрани, изгласани и назначени”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

