
Венко Филипче, претседателот на СДСМ за неговата партија потенцираше дека политиките на партијата отсекогаш биле во духот на социјалдемократијата, насочени кон градење праведно и европско општество во интервју за Телма ТВ.
„Политиките на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со години, децении, биле истите – државнички, во духот на социјалдемократијата, еднаквост, социјална правда. И никогаш од тие принципи и постулати партијата во својата историја не отстапила“, рече Филипче.
Истакна дека СДСМ останува партија изградена на неколку цврсти темели, како што е борбата против корупцијата, јасна евроинтегративна ориентација, подобрување на животниот стандард на граѓаните и спротивставување на националистичките политики на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ е партија што се темели на силна борба против корупцијата, на евроинтеграции, на обезбедување што поголеми приходи за граѓаните и борба против националистичките елити како ВМРО-ДПМНЕ. Тие, сè што прават, е само да го делат населението и граѓаните, додека државата стагнира, а на владејачката елита ѝ врват само бизнисите“, порача Филипче.
Во интервјуто, тој ги спомена мерките кои СДСМ ги презеде во изминатите години за унапредување на животниот стандард дури и во време на криза, преку раст на платите, пензиите и решавање на долгогодишни проблеми.
