
Во Фејсбук-објава, претседателот на СДСМ Венко Филипче порача:
„Крива Паланка е една од општините што претрпе најголема трансформација во изминатите години. Тоа е резултат на чесна, посветена и одговорна работа, и затоа денес му ја честитав кандидатурата за нов мандат на градоначалникот Сашко Митовски – а сигурен сум и во победата!
СДСМ е партија која ги постави темелите на современата македонска држава. Ние произлегуваме од борбата на Илинденците и АСНОМ-ците за слободна, праведна и еднаква држава – држава во која граѓаните ќе живеат достоинствено, а не ќе преживуваат.
По само десет месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ гледаме пустош. Корупција наместо реформи, тендери за свои наместо инвестиции, раст на цени наместо раст на стандардот. Македонија е заробена, а народот – изневерен.
Народот не бара чуда – бара можност да живее дома, а не билет во еден правец.
ВМРО-ДПМНЕ зборува за патриотизам, а патува со бугарски пасоши. Тоа е лицемерие и квазипатриотизам.
Јас верувам во вистинските вредности. Македонија мора да биде дел од светот кој се движи напред – дел од НАТО и идна членка на Европската Унија. Таму припаѓаме. А СДСМ е единствената гаранција за таа европска иднина.
Ние не бегаме од реформи, не бегаме од европски обвинители. Знаеме – без правда нема иднина.
А токму затоа тие што денес владеат бегаат. Се кријат зад лажен патриотизам – и одговорноста ја избегнуваат.“