Skip to main content
Македонија

Филипче од Кичево: Време е за обединување а не за поделби, тоа е вистински патриотизам

01/10/2025  20:10

„Македонија не се брани со навреди и кавги, со лажни повици за национално обединување, а подземни игри за поделба. Патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за политички рејтинг,” порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, од вечерашната трибината во општина Кичево.

Тој истакна дека достоинството на граѓаните и на државата се брани единствено со силни институции и сериозен план, а не со празни зборови.

„Достоинството се брани со луѓе што искрено мислат добро и на државата и на идните генерации. Се брани со паметна, цврста позиција и со резултати дома: со држава што функционира, со реформирани институции што градат доверба и со економски политики што на прво место го ставаат граѓанинот и неговите проблеми,” рече д-р Филипче.

Филипче потсети дека СДСМ отсекогаш била повеќе од политичка партија велејќи дека „таа е движење за слобода, правда и еднаквост”.

„Без вас нема СДСМ, а без СДСМ нема иднина за правдата, за еднаквоста, за грижата за секој човек. Без вас едноставно нема слобода,” порача Филипче пред кичевчани на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом”.