Skip to main content
Македонија

Филипче: Македонија назадува поради неспособност на власта

17/11/2025  14:01

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, порача дека извештајот на Европската Комисија е показател дека власта нема политичка волја да  продолжи со реформите.

„Жалам што слушаме пораки на евроскептицизам тука во телата, во Собирањето, во кои што најмногу треба да се работи и на полето на реформите и на тоа што државата треба да испорача за да станеме полноправна членка на Европска Унија. Ниту има алтернатива, ниту некој разговара за алтернативи за Европската Унија. Сето тоа се спинови на нечии изјави со цел да се намали дополнително желбата, ентузијазмот на граѓаните за вистинските чекори кои што треба да следат од страна на владата. Помина година и половина од влада и нема веќе кој да е крив за овој извештај кој што опфаќа една година од целосно нивно владеење”, рече Филипче.

На седницата на која што се дискутираше за последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, Филипче посочи дека државата назадува поради неспособноста на власта која треба да излезе од пасивноста и преземе конкретни активности.

„Претставниците на владата, на извршната власт, на целата коалиција, треба да излезат од состојба на длабока контемплација, поради тоа што ова бара сериозна активност и сериозна работа. Никој нема да биде крив, целата одговорност е во владината коалиција на ВМРО- ДПМНЕ, ЗНАМ и на ВЛЕН. Слушаме дека ќе го проширувале владиното мнозинство, сакам да упатам јасна порака до политичките чинители, пратеници кои сакаат да се придржат на оваа коалиција, добро да размислат дали ќе го прават тоа, поради тоа што очигледно е дека нема волја, оваа коалиција да го продолжи европскиот пат”, рече Филипче.

Во обраќањето на седницата, Филипче додаде дека ченството во ЕУ е стратешка определба на првите влади од независноста на Македонија и гаранција за напредок на државата. 

„Граѓаните очекуваат напредок, очекуваат вистински, видливи резултати кои што можат да ги почувствуваат, а не само изговори, теории на заговор или ароганција”, порача Филипче.