Skip to main content
Македонија

Филипче: Ќе обезбедиме квалитетна настава и безбедни улици за децата

01/09/2025  12:57

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, денеска по повод 1-ви септември, почетокот на новата учебна година, заедно со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на настан во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје.

На сите првачиња, ученици, наставници и родители, Филипче им посака успешна школска година исполнета со радост и знаење.

„Посакувам успешна, мирна школска година, мирни денови на сите учениците и им посакувам да се стекнат со нови знаења. На родителите и наставниците им посакувам трпение и да им дадат многу поддршка на децата“, рече Филипче.

Во изјава за медиумите, Филипче истакна дека вложувањето во образованието е најважната инвестиција која не трпи импровизации.Тој додаде дека во периодот на владата на СДСМ беше ставен силен фокус на инвестициите во училиштата и зголемувањето на платите на наставниците.

„Училиштето ‘Киро Глигоров’ е едно од новоизградените училишта за време на мандатот на СДСМ. Изградивме и реконструиравме над 80 училишта. Направивме значајна инвестиција во платите на наставниците, никогаш дотогаш не се зголемиле во толкав процент – над 50%, нешто што сега сериозно недостасува. Градоначалникот Герасимовски во овој сегмент се покажа како добар менаџер. Неколку години по ред за сите првоодделенци има униформи, бесплатни ранци, и од следната година, како што најави, ќе има и бесплатен оброк“, рече Филипче.

Во тој контекст, Филипче најави дека и во програмата за локалните избори ќе се стави сериозен акцент на обезбедувањето квалитетна настава за сите ученици.