Skip to main content
Македонија

Филипче: Како да задржиме млад човек во државата со ниски плати кои не покриваат трошоци?

11/10/2025  20:33

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Тетово, упати критика кон економските и социјалните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи дека младите си заминуваат поради ниски плати, сиромаштија и целосна нефункционалност на институциите.

Тој пред присутните граѓани истакна дека Македонија денес се соочува со највисоки цени за храна во регионот, додека владата наместо вистински антикризни мерки, нуди лажни кампањи и ПР-манипулации со „потрошувачки кошници”.

„Кога и оваа манипулација им излезе на виделина – ги оставија граѓаните сами да се снаоѓаат, да прават математики како да го преживеат месецот. Оваа власт не нуди решение, туку создава очај”, истакна лидерот на СДСМ, д-р Филипче.

Филипче се осврна и на измамените пензионери, кои наместо најавените зголемувања, добија само симболично покачување:

„Со разно-разни формули и пресметки што никој не ги разбира, пензионерите добија само илјада денари повеќе, а со моделот на СДСМ ќе имаа двојно поголеми пензии”, рече тој.

Посебен акцент стави и на тешката состојба на земјоделците, кои, како што нагласи, се оставени без поддршка, со намалени субвенции и обесценет труд.

„Кога ќе се уништи селото, се уништува и градот, и трпезата на секое семејство. ВМРО-ДПМНЕ ги заборави оние што го хранат народот”, додаде Филипче.

Филипче потенцираше дека нема категорија на граѓани која не е излажана и погодена од погубните политики на актуелната власт.

„Оваа власт ја остави државата без визија, без план и без надеж. Нашата задача е да ја вратиме довербата во институциите, да обезбедиме повисоки плати, стабилни пензии, вистинска поддршка за земјоделците и шанса за младите да останат дома”, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашата иднина”, што вечерва се одржа во Тетово.