Skip to main content
Економија

Филипче: Каде завршија 2,5 милијарди евра нови задолжувања?

21/06/2026  15:10

Ако нема пари за граѓаните, ако нема развојни проекти, каде завршија 2,5 милијарди евра нови задолжувања, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, говорејќи за економските политики на Владата на ВМРО по две години од мандатот. Филипче посочи дека и покрај огромното зголемување на јавниот долг, граѓаните не гледаат никаков бенефит, ниту пак се реализираат значајни развојни проекти.

„Се поставува прашањето, ако нема пари за граѓаните, ако нема развојни проекти, каде завршуваат парите? Каде завршуваат парите од зголемувањето на јавниот долг, од 2,5 милијарди евра, од 8,5 милиајрди евра на скоро 11 милијарди евра, кога граѓаните не гледаат  никаков бенефит. Нормално парите се таму каде што секој ден укажуваме, а тоа се партиските тендери”, рече Филипче.  

Тој нагласи дека зад овие нови задолжувања не стојат капитални инвестиции што би значеле подобри услови за живот, развој и напредок на државата.

„Нема капитални инвестиции, не се капитални инвестиции само патиштата. Капитални инвестиции се и болници, училишта, студентски домови, енергетски мрежи, ништо од тоа нема”, рече Филипче.  

Притоа, Филипче посочи дека граѓаните се соочуваат со влошен животен стандард –  високи цени на храната и ниски плати.

„Стандардот е намален во споредба со пред две години. Граѓаните живеат полошо и потешко, паричниците и фрижидерите се попразни. Наместо зголемен стандард, работниците добија зголемена сиромаштија, сиромаштијата е зголемена за 22%”, рече Филипче.