Skip to main content
Спорт

ФФМ поведува дисциплинска постапка против поранешниот претседател Муамед Сејдини

30/12/2025  17:00

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука за отворање дисциплинска постапка против поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини. Како што информираат од Федерацијата, постапката се покренува поради основани сомнежи за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, во врска со авансна исплата од 700.000 евра кон фирмата ангажирана за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Од ФФМ наведуваат дека исплатата, според расположливата документација, била направена по лична иницијатива, без согласност на Управниот одбор, спротивно на донесените одлуки и надвор од утврдените надлежности, при што не била обезбедена ниту банкарска гаранција. Според ставот на Управниот одбор, во конкретниот случај постојат индиции за сериозни повреди на службените обврски и постапување спротивно на интересите на ФФМ, што, како што се наведува, резултирало со штетни последици врз угледот и финансиската состојба на федерацијата.