Skip to main content
Магазин

Фестивалот „Прво па женско #13“ почнува со филмската програма „Воспоставување врски“

30/05/2025  09:10

Во рамки на тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, Тиииит! Инк. во соработка со Kino Unseen (Загреб) организира дводневна филмска програма со наслов „Воспоставување врски: кино клубовите и феминистичките пристапи кон подвижните слики”, која ќе се одржи на 30 и 31 мај, со почеток во 19:30 часот, во киното на Железничката зграда. Програмата е курирана од Карла Црнчевиќ, една од основачките на Kino Unseen како дел од нивната регионална програма „Bridging”.

Во две филмски вечери, во Киното на Железничката зграда* во Скопје заедно ќе го слушнеме ехото на киноклубовите и алтернативните филмски мрежи – од Југославија до Куба, од минатото до денес, и ќе отвориме прашања за инфраструктурата, продукцијата и пристапот до филмската уметност за работничката класа, но и за улогата на жените во овие алтернативни филмски мрежи – и тогаш и сега.

Првата вечер го носи гласот од Куба преку колективот Диви архивист(к)и // Archivistas Salvajes, кои го истражуваат невидливото – нехегемонско и маргинализирано кубанско визуелно наследство. Нивната селекција на кратки филмови што ќе имаме можност да ја проследиме го открива патот на неколку режисерки во градењето и негувањето на својот творечки простор во историјата на кубанската кинематографија – миговен, фрагментарен, но сепак значаен и влијателен.

Втората вечер го отвора прашањето за позицијата на жените во југословенските киноклубови. Преку примерот на творештвото на неколку авторки од киноклубовите во Загреб и Сплит, чии филмови ќе имаме можност да ги видиме, и разговор со филмскиот истражувач Сима Кокотовиќ, ќе го допреме прашањето за минатото, сегашноста и можната иднина на киноклубовите во нашиот (отсекогаш) заеднички културен простор.

Дојдете на #ППЖ13 и придружете се во борбата за зачувување на отворениот, заеднички и слободен културен простор во овој свет што се распаѓа.

Влезот за настанот е слободен!

* Програмата на #ППЖ13 во Киното на Железничката зграда во Скопје се реализира во соработка со организацијата Факултет за работи што не се учат (FR~U).