Skip to main content
Спорт

Федерер, Дел Потро и Кузнецова номинирани за влез во тениската Куќа на славни

01/10/2025  20:25

Швајцарската тениска легенда Роџер Федерер, аргентинскиот победник на УС Опен во 2009 година и освојувач на Дејвис купот Хуан Мартин дел Потро, како и четирикратната грен – слем шампионка, Русинката Светлана Кузнецова, се номинирани за прием во светската тениска Куќа на славните во 2026 година.

Роџер Федерер е само еден од осумте тенисери кои освоија титули во поединечна конкуренција на сите четири грен слем турнири во својата кариера. Првата ја освои на Вимблдон во 2003 година, еден месец пред неговиот 22. роденден, и стана првиот тенисер кој освоил 20 трофеи на четирите најголеми тениски турнири. Швајцарецот го освои Вимблдон осум пати, УС Опен пет пати, шест титули на Отвореното првенство на Австралија и една на Ролан Гарос.

Швајцарецот помина 310 недели на врвот на АТП ранг-листата, а кариерата ја заврши со 103 титули, станувајќи втор играч во „новата ера“ кој освоил повеќе од 100 титули. Кариерата ја заврши во 2022 година.

Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро триумфираше на УС Опен во 2009 година, кога во финалето беше поуспешен од Федерер. Повредите предвреме му ја прекинаа кариерата во која освои 22 титули во поединечна конкуренција.

Русинката Светлана Кузнецова освои два грен слем трофеи во првата деценија од 21 век (УС Опен во 2004 година и Ролан Гарос во 2009 година). Во својата 15-годишна професионална кариера, освои 18 трофеи на ВТА турнирите во поединечна конкуренција и уште 16 во двојки.

Датумот на вклучување на „Класата 2026“ во Меѓународната тениска Куќа на славните ќе биде објавен подоцна оваа есен.