
Федерален судија од државата Тексас пресуди дека прибегнувањето кон закон од 1798 година за протерување мигранти од Соединетите Американски Држави е нелегално и затоа ѝ забранува на администрацијата на Доналд Трамп да спроведува депортации според ова законодавство, објавија светските агенции.

Одлуката на судијата Фернандо Родригез е прва што се однесува на прашањето дали е легално да се прибегне кон законот од 1798 година за спроведување на протерувања. Трамп го спомена овој закон на 15 март кога ја прогласи венецуелската група „Трен де Арагва“ за терористичка организација и истиот ден протера околу 250 луѓе во Ел Салвадор, претежно Венецуелци, обвинети за припадност на оваа група. Половина од протерувањата биле според законодавството од 1798 година.
Вкупно 300 мигранти беа протерани во Ел Салвадор, каде што беа испратени во затвор.
Одлуката на судијата се однесува на неговиот округ во Тексас, кој ги вклучува градовите Хјустон и Браунсвил на мексиканската граница.
-Да му се дозволи на претседателот еднострано да ги одреди условите под кои може да се повика на Законот за странски непријатели, а потоа произволно да прогласи дека тие услови постојат, би ги отстранило сите ограничувања на овластувањата на извршната власт според тој закон, наведе судијата во својата одлука.
По семантичка споредба на законот и претседателската декларација упатена до „Трен де Арагва“, судијата заклучи дека упатувањето „го надминува опсегот на Законот за странски непријатели и затоа е незаконско“.