Skip to main content
Свет

ФАА ги укинува ограничувањата, летовите во САД се враќаат на нормален распоред

17/11/2025  11:38

Американската Федерална управа за авијација (ФАА) соопшти дека утре ќе ја укине наредбата за итно намалување на летовите, со што ќе овозможи продолжување на нормалните операции и ќе стави крај на повеќедневните нарушувања, јави ДПА.

Нормалниот распоред може да продолжи од утре во 6 часот наутро (1100 GMT), се вели во заедничката изјава на секретарот за транспорт Шон Дафи и администраторот на ФАА, Брајан Бедфорд.

Во изјавата се посочува дека одлуката следи по препорака од безбедносниот тим на ФАА, кој ги прегледал безбедносните трендови и забележал „стабилно намалување на настаните предизвикани од недостиг на персонал во објектите за контрола на летање“.

Итната наредба беше воведена за време на прекинот на работата на владата, најдолг во историјата на САД, кога персоналот во контролата на летање нагло се намали и нарушувањата на летовите низ САД ескалираа.

Прекинот произлезе од буџетскиот спор меѓу Демократите и Републиканците во Конгресот што парализираше голем дел од федералната влада. Голем дел од редовните владини операции беа осакатени, при што многу федерални службеници останаа без плата, вклучително и контролорите на летање.

На врвот на прекинот, стотици летови беа откажувани на дневно ниво.

ФАА постепено ги намалуваше операции на летање на 40 големи аеродроми, прво за 4%, а подоцна за 6%. Агенцијата ги намали ограничувањата на 3% во петокот, велејќи дека нивото на персонал продолжило да се подобрува откако 43-дневниот прекин на работата заврши во средата.

Најавувајќи го крајот на намалувањата, Дафи изјави дека контролорите сега се вратиле на работа.

– Сакам да му се заблагодарам на посветениот безбедносен тим на ФАА што го одржуваше нашето небо безбедно за време на најдолгиот прекин на работата на владата во историјата на нашата нација и за трпението на земјата за тоа што безбедноста беше ставена на прво место, рече Дафи.