Skip to main content
Балкан

Европратеници повикаа на воздржување од политички закани и штетни активности по пресудата за Додик

27/02/2025  08:14

Ја нагласуваме важноста од целосно почитување на институциите на Босна и Херцеговина и независноста на нејзиното судство и потенцираме дека притисок врз судството и заплашувањето на судиите се неприфатливи, порачаа во заедничка изјава постојаниот известувач за БиХ на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, чешкиот европратеник Онджеј Колаж и претседавачот на Делегацијата на ЕП за односи со БиХ и Косово, хрватскиот европратеник Давор Иво Стиер по повод изречените пресуди за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и поранешниот в.д. директор на „Службениот весник на РС“, Милош Лукиќ.

 – Се согласуваме со бројните јасни пораки упатени изминативе денови и недели од Делегацијата на ЕУ во БиХ, Канцеларијата на високиот претставник, Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина и Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот. Босна и Херцеговина е независна, суверена држава, чијшто територијален интегритет е неоспорен. Ги повикуваме сите актери во Босна и Херцеговина да покажат најголема воздржаност по денешната пресуда и да се воздржат од какви било политички закани и други потенцијално штетни активности, се наведува во изјавата.

Колаж и Стиер посочуваат дека Европскиот парламент постојано повикува на целни санкции против политичките актери чии активности ја дестабилизираат БиХ, вклучително и оние кои го загрозуваат и поткопуваат нејзиниот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, особено Додик, но и други високи функционери на Република Српска и претставници на трети земји кои „обезбедуваат политичка и материјална поддршка на сецесионистичката политика“.

– Наместо да шири вознемирувачки и сецесионистички наративи, вклучително и закани, мерки и законски иницијативи кои грубо би го прекршиле Уставот на Босна и Херцеговина, раководството на ентитетот Република Српска треба целосно да се фокусира на итните чекори потребни за решително придвижување на интеграцискиот пат на Босна и Херцеговина кон ЕУ, се додава во заедничката изјава на Колаж и Стиер.

Судот на Босна и Херцеговина го прогласи Додик за виновен по обвинението за непочитување на одлуките на меѓународниот висок претставник за БиХ, Кристијан Шмит и го осуди на една година затвор. Истовремено, Судот го ослободи Лукиќ од истото обвинение. И обвинетите и Јавното обвинителството имаат право на жалба на ваквите пресуди.