Skip to main content
Свет

ЕУ понуди на Украинците сопствен договор за минералните суровини, различен од оној на Трамп

25/02/2025  08:01

Европската унија вчера и понуди сопствен договор за „критичните материјали“ на Украина, токму кога американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека Вашингтон е блиску до склучување договор со Киев за правата на неговите огромни природни ресурси, објави американски „Политико“.

MK Summit

Европскиот комесар за индустриска стратегија Стефан Сежурне рече дека ривалскиот предлог им го доставил на украинските официјални претставници со кои се сретнал во Киев за време на посетата на Европската комисија за одбележување на третата годишнина од целосната инвазија на Русија.

„Дваесет и еден од 30-те критични материјали што и се потребни на Европа може да бидат обезбедени од Украина во партнерство со победа-победа“, рече Сежурне, пренесе АФП.

Тој нагласи : „Додатната вредност што ја нуди Европа е дека ние никогаш нема да бараме договор што не е заемно корисен“.

Трамп направи сè поагресивни чекори кон Украина за правата на нејзините минерални богатства, барајќи дури 500 милијарди долари како компензација за поддршката на Вашингтон за Киев во одбраната на инвазијата на Москва.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски досега одби да потпише два нацрт-договори предложени од администрацијата на Трамп, велејќи дека условите, за кои „Њујорк Тајмс“ објави дека вклучуваат Киев да се откаже од приходите од минерали, нафта и гас, плус заработка од пристаништата и друга инфраструктура во износ од 500 милијарди долари, се премногу сурови.

„Нема да потпишам нешто што ќе треба да го враќаат 10 генерации Украинци“, рече Зеленски на прес-конференција во неделата.

Но, Трамп вчера инсистираше на тоа дека „конечниот договор“ е „многу блиску“ и дека ќе вклучува „ретки земји и разни други работи“.

Украина има огромни наоѓалишта на критични елементи и минерали, од литиум до титаниум, кои се од витално значење за производство на модерни технологии и многу посакувани во глобалната трка по ресурси. Исто така, има огромни резерви на јаглен, како и нафта, гас и ураниум, но голем дел од тоа е на територии под руска контрола.