Skip to main content
Свет

ЕУ подготвува воена помош за Украина во вредност од 20 милијарди евра

22/02/2025  15:03

Европските лидери работат на пакет воена помош за Украина во вредност од најмалку 20 милијарди евра, со цел да го зајакнат Киев, додека САД сè повеќе се усогласуваат со Москва во однос на интерпретацијата на војната, изјавија тројца дипломати на ЕУ за „Политико“.

Пакетот се предлага откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот колега Володимир Зеленски за војната во Украина, нарекувајќи го „диктатор“ кој ги измамил САД да потрошат милијарди долари на воена помош. Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом, пак, во четвртокот изјави дека во Вашингтон „нема апетит“ за дополнителна помош за Киев.

Според дипломатите, износот на помошта, која би вклучувала артилериски гранати, ракети и финансиски средства, би можел дополнително да се зголеми во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи в понеделник во Брисел. Првичните проценки на „Политико“ биле меѓу 6 и 10 милијарди евра, но таа сума е ревидирана во текот на преговорите.