
Собранието ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност, со кои се укинува даночното ослободување за пратките со мала вредност. Од сега, граѓаните ќе плаќаат 18% ДДВ и за нарачките до 22 евра од популарните онлајн платформи како „Тему“, „Шеин“ и „Али Експрес“.
Со 59 гласа „за“ и 12 „против“, пратениците ја поддржаа мерката која директно ќе влијае на цената на производите нарачани онлајн, кои досега беа ослободени од давачки.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, пред пратениците истакна дека целта е воведување ред во е-трговијата и заштита на домашните бизниси. „Основна причина за оваа измена е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби и обезбедување пофер и порамноправна положба на малите бизниси во Република Македонија со оние во странство при плаќање на ДДВ,“ рече Јанкуловски.
Тој потсети дека Македонија го следи европскиот тренд, додавајќи дека Европската Унија со директива го укина ова ослободување уште на 1 јули 2021 година, а слични мерки веќе се воведени во Србија и Црна Гора, додека во Албанија се уште се во процедура.
Поддршка за измените изрази пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), кој посочи дека минатата година над 1.000 тони ситни производи биле увезени неоданочени. „Тоа претставува нелојална конкуренција. Со ова законско решение ги ставаме македонските трговци во рамноправна положба,“ рече Станковиќ.
Од друга страна, пратеничката група на Левица остро ја критикуваше мерката. Реџеп Исмаил ја нарече измената „данок на сиромаштијата“ и обвини дека власта наместо да ги оданочи големите компании, ја оптоварува граѓанската потрошувачка. „Практично, празниот буџет ќе го полниме од тоа што нашето граѓанство купува шноли и боички,“ посочи Исмаил.
Новите правила стапуваат на сила осум дена по објавувањето во „Службен весник“, што значи дека граѓаните наскоро ќе треба да сметаат на пресметување на ДДВ при нарачките од странство.

