Skip to main content
Македонија

Епидемиологот Оранска од ВМЦ: Шугата не потекнува од Армијата

09/02/2026  17:43

Четворица слушатели на курсот за професионални војници во касарната во Велес се со потврдена дијагноза на шуга. Состојбата им е добра и се на домашно лекување. Преземени сите неопходни мерки и дека состојбата внимателно се следи кај сите слушатели присутни на курсот.

Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено медицински центар (ВМЦ), информираше дека првиот случај бил пријавен минатиот четврток.

-Дијагностицираното лице беше веднаш упатено на лекар на специјалист и на домашно лекување. Потоа следеа чекори на превентивни мерки. Ние превентивните мерки ги правиме редовно по наш месечен план. А по индикација, како сега, правиме и вонредни надзори, појасни таа.

Според Оранска, сите присутни војници биле прегледани, а оние со кожни промени биле дополнително упатени на специјалистички прегледи.  

Епидемиологот додаде дека болеста не потекнува од Армијата.  

-Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор, изјави Оранска.

Во објектите каде што се сместени слушателите е извршена комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а надзорот продолжува секојдневно.

-Преземени се уште да кажам, е правена комплетна дезинфекција дезинсекција на просториите каде се сместени. Инкубацијата на тоа заболување трае од 10 дена до шест недели, така да ние имаме обврска и задача и мора да се прави секојдневна проверка, додаде Оранска.

Портпаролот на ГШ на АРМ, потполковник Дарко Стерјовски, информираше дека условите во касарната се целосно согласно правилата и дека шпекулациите за лоши услови не се точни.

-Сакам да напоменам дека условите кои што се во Армијата, односно во касарната се сосема задоволителни и се согласно правилото за сместување и ред во армијата. Со тоа сакам да ги демантирам дезинформираат кои што излегуваат во јавноста дека условите не се како што треба, потенцира Стерјовски.

Тој потсети дека касарната во Велес е домаќин на голем број меѓународни и домашни активности, што, како што вели, е доказ за нејзината функционалност.

Во однос на тврдењата дека нема топла вода, Стерјовски категорично ги отфрли.