Skip to main content
Свет

Екстремно десничарскиот кандидат исклучен од претседателските избори во Романија

10/03/2025  07:44

Романската изборна комисија ја отфрли кандидатурата на екстремно десничарскиот кандидат Калин Ѓeорѓеску за претседателските избори во мај, одлука што предизвика негодување кај неговите поддржувачи. Изборната комисија само соопшти дека кандидатурата е отфрлена без никакво образложение.

Ѓeорѓеску, кој е фаворит во анкетите со околу 40 отсто од гласовите, сепак може да поднесе жалба до Уставниот суд. Тој на платформата Х оцени дека тоа е „директен удар за демократијата во светот“.

„Европа сега е диктатура, Романија живее под тиранија“, напиша Ѓeорѓеску.

Романија е во превирања уште од првиот круг на претседателските избори, одржани на 24 ноември, што го донесе на политичката сцена тогаш практично непознатиот Калин Ѓeорѓеску.

Во редок потег во Европската унија, Уставниот суд го поништи гласањето по наводите за руско мешање, а нови избори беа закажани за мај во многу тензична атмосфера.