
Во Општина Илинден и оваа година успешно се реализираше традиционалниот спортско-рекреативен настан „Експедиција низ срцето на Илинден“, кој прераснува во препознатлива манифестација што обединува стотици љубители на спортот и природата од целата држава.
Настанот, во организација на МТБ Илинден, а под покровителство на Општина Илинден, годинава евидентираше над 300 велосипедисти и повеќе од 150 планинари, што претставува показател за зголемениот интерес и масовноста на оваа манифестација.
Програмата опфати оф-роуд велосипедска тура во должина од околу 40 километри, низ населените места Ајватовци, Бучинци, Мршевци, Дељадровци, Миладиновци, Бујковци, Бунарџик и повторно Ајватовци, како и планинарска тура на релација Ајватовци – Бучинци – Ајватовци, во вкупна должина од 15 километри, со посета на Бучинско езеро.
Официјалниот почеток на турите го означи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој во своето обраќање ја нагласи важноста на ваквите настани, како двигатели на спортската култура и активниот начин на живот. Тој истакна дека Општината останува посветена на континуирана поддршка на иницијативи кои ги поврзуваат граѓаните преку рекреација, заедништво и директен контакт со природата, овозможувајќи им на учесниците не само спортски предизвик, туку и можност да уживаат во природните убавини на општина Илинден.
„Експедиција низ срцето на Илинден 2026“ уште еднаш ја потврди својата улога како значаен настан што придонесува за промоција на здрави животни навики, развој на спортскиот дух и подигнување на свеста за заштита на животната средина. Општина Илинден и во иднина ќе продолжи да вложува во ваквите настани, препознавајќи ги како важен сегмент во унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

