
Европската комисија денеска одлучи да поднесе тужба против Бугарија пред Судот на правдата на Европската Унија поради несоодветно усогласување на националното законодавство со Директивата за право на пристап до адвокат и за комуникација по апсењето.
Во одлуката ЕК посочува дека во јануари 2017 година покренала прекршочна постапка против Бугарија поради нецелосно спроведување на Директивата, по што Софија презела мерки за целосно усогласување. Меѓутоа по разгледување на мерките, Комисијата заклучила дека Бугарија неправилно се усогласила со одредби од Директивата за ефективно учество на адвокат за време на сослушување на приведени лица, како и со правилата за отстапувања од правото на бранител во интерес на истрагата.
– Комисијата испрати писмо со формално известување до Бугарија во март 2024 година. Бугарија задоволително одговори на некои од забелешките, пред се во врска со мерките за информации доставени до одговорното возрасно лице кога лишениот од слобода е дете. Потоа, во октомври 2024 година, Комисијата испрати образложено мислење, повикувајќи ја Бугарија да ги надмине и преостанатите забелешки. По анализата на одговорите, Комисијата заклучи дека Бугарија продолжува да не ги исполнува барањата од Директивата. Затоа, Комисијата одлучи да ја упати Бугарија до Судот на правдата на Европската Унија, се наведува во образложението на ЕК.
Директивата за право на пристап до адвокат и за комуникација по апсењето е една од шесте директиви што ја сочинуваат правната рамка на ЕУ за заеднички минимални стандарди за фер судења, со кои се обезбедува дека правата на осомничените и обвинетите лица се гарантирани во доволна мерка.
Оваа Директива има за цел да ја зајакне довербата на земјите членки во меѓусебните системи за кривична правда и на тој начин го олеснува меѓусебното признавање на одлуките во кривичните предмети.