Skip to main content
Свет

ЕК ќе реагира одлучно и брзо против најавените американски царини

27/02/2025  08:53

Европската комисија , откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација наскоро ќе објави царини од 25 отсто за увоз на производи од ЕУ, најави дека ќе реагира одлучно и навремено.

„ЕУ ќе реагира одлучно и веднаш против неоправданите пречки за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за да се оспорат законите и недискриминаторните политики“, рече портпаролот на Комисијата како одговор на барањето за коментар за забелешките на Трамп.

Тој нагласи дека ЕУ секогаш ќе ги штити европските компании, работници и потрошувачи од „неоправдани царини“.

Трамп во однос на прашањето за тарифна стапка за стоки од Европската унија, одговори дека донеле одлука и дека ќе ја објават многу брзо, а дека таа ќе биде 25 отсто, генерално кажано, за автомобилите и за се останато.

Тој исто така изјави дека ЕУ е основана „за да ги измами САД“.

Портпаролот нагласи дека со создавањето на голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“.

„Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се високо профитабилни“, додаде портпаролот.

„Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство доколку играте според правилата. Но, ние исто така ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Од нас не очекуваат ништо помалку“, истакна портпаролот на ЕК.