Skip to main content
Македонија

Една иста мафија на смртта тргува со животите на најтешко болните пациенти, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ

24/01/2025  11:43

Мафијата на смртта која печали милиони на здравјето на граѓаните здравствениот систем го донесе пред колапс. Една иста мафија на смртта тргува со животите на најтешко болните пациенти, лица заболени од рак и од тоа прави бизнис и дебело профитира, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение за недостигот на лекови на Клиниката за онкологија. Партијата го повика Јавното обвинителство да отвори истрага за злоупотребите со онколошка терапија, кои го довеле здравствениот систем на Македонија пред колапс.

Партијата бара сеопфатна истрага за сите злоупотреби и поврзаностите на политички и бизнис структури со фармацевтските компании.

СДСМ утрово соопшти дека „не е нормално Владата да купува авион од стотина милиони евра, а решението за лекови на Онкологија да го бара преку донации“. Од најголемата опозициска партија посочуваат дека цела недела нема лекови на Онкологија кои се животно потребни. СДСМ го повикува и Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување итно да преземат мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти.

Двата биолошки лека што недостигаат на Онкологија пациентите ќе ги добијат неделава преку донации. Другите четири ќе се набават преку измени на анекс на договорите со производителот – надлежните најдоа краткорочно решение на моменталната криза.

За да се стави крај на проблемите што се провлекуваат со години неопходен е регистар на болни од канцер. Така ќе се знае колку пациенти треба да примаат биолошка терапија. Од Фондот велат – не се проблем финансиите, туку Буџетот несоодветно се планирал.

„Да има јасни и транспарентни критериуми за доделување терапија бидејќи и во идеални случаи ќе нема сто посто покриеност на сите пациенти. Треба да биде јасна врската меѓу дијагнозата и терапијата и јасно следење на количините и нивното издавање, тоа е нашата потреба“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.

Ќе има измени на критериумите за јавни набавки, бидејќи за биолошка терапија најчесто се јавува еден производител.

На Клиниката за онкологија недостигаат шест лека, а можно е за брзо време да снема уште неколку. Пациентите бараат надлежните да најдат решение, апелираат во иднина овие лекови да бидат на позитивната листа и да се стави крај на проблемот што се провлекува со години.