Skip to main content
Забава

Една чаша дневно од овој сок би можела да помогне во слабеењето

08/02/2025  20:42

Научниците од „Washington State University“ открија дека консумирањето сок од црн бозел го подобрува здравјето на цревата, го регулира шеќерот во крвта и го поттикнува согорувањето на мастите. Резултатите, објавени во списанието „Nutrients“, покажаа дека пиењето 350 мл (околу една чаша) од овој сок дневно во текот на една недела може да предизвика позитивни промени во микробиомот на цревата.

Професорот Патрик Солверсон, раководител на истражувањето, истакна дека бозелот е неправедно занемарен, иако има огромни потенцијални здравствени придобивки. „Дури сега почнуваме да ја гледаме неговата вистинска вредност за здравјето на луѓето, а резултатите се многу возбудливи“, рече тој.

За да ги тестираат ефектите на сокот од црн бозел, научниците спроведоа експеримент на 18 луѓе со прекумерна тежина. На учесниците им беше даден или сок од црн бозел или плацебо пијалак, кој изгледаше и имаше вкус на вистински сок, а испитаниците истовремено се придржуваа до контролирана исхрана.

Резултатите беа зачудувачки. Оние кои пиеле сок од црн бозел имале поголем број на корисни бактерии во цревата, што е од клучно значење за апсорпцијата на хранливи материи и целокупното здравје. Нивните способности за регулирање на шеќерот во крвта, исто така, значително се подобрија – нивото на гликоза им се намали за 24%, а нивото на инсулин за 9% по консумирањето јаглехидрати.

Тајната е во антоцијанините
Дополнително, консумацијата на сок од црн бозел беше поврзана со зголемено согорување на маснотии, особено по внес на јаглени хидрати и за време на физичка активност. Експертите веруваат дека овој ефект се должи на антоцијанините, растителните соединенија познати по своите антиинфламаторни својства и способноста да се борат против дијабетес и бактериски инфекции.

„Докажано е дека храната е лек, а науката сега го фаќа чекорот со тоа популарно верување“, рече професорот Солверсон. „Ова истражување придонесува кон сè поголемиот број докази дека бозелот, кој со векови се користи во народната медицина, има и бројни придобивки за метаболизмот и здравјето на цревата“, додаде професорот.

Иако и другите бобинки содржат антоцијанини, во бозелот тие се присутни во значително повисоко количество. За да внесете исто количество на антоцијани како во половина чаша сок од црн бозел, треба да јадете четири чаши капини дневно.

Потребни се дополнителни истражувања
Иако сокот од бозел не е непознат во Европа, тој не е толку популарен во САД, меѓутоа неговата побарувачка вртоглаво порасна за време на пандемијата на коронавирус и продолжува да расте. Научниците кои работеа на ова истражување веќе пријавија привремен патент за употреба на биоактивни соединенија од американскиот црн бозел со цел регулација на телесната тежина и подобрувањето на здравјето на цревата, било преку додатоци во исхраната или преку други производи.

Тие планираат дополнително истражување за да откријат дали сокот од црн бозел може да им помогне и на луѓето кои престанале да земаат лекови за слабеење во одржувањето на телесната тежина. Иако досегашните резултати се ветувачки, научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат долгорочните ефекти на бозелот врз различни групи луѓе.