Skip to main content
Македонија

ДЗС: Десет активни пожари, најтежок за гаснење во „Јасен“

17/08/2025  16:14

Во текот на денешниот ден имаме 10 пожари на отворен простор. Се уште е активен пожарот во ловиштето „Јасен“, а активиран е еден крак од пожарот во село Јажинце, општина Јегуновце. Два активни пожари има на територија на општина Липково, во селата Лојане и Слупчане, каде дејствуваат кумановските пожарникари. Еден активен пожар има и во општина Лозово, каде интервенираат велешките пожарникари, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

Директорот на ДСЗ Ангелов информира дека во гаснењето на вториот крак на пожарот во „Јасен“ рано утрово интервенирале припадниците на армиските специјалци „Волци“ и „Ренџери“, со два ер-трактори на ДЗС. Во овој момент, како што рече, е воспоставена делумна контрола и нема да претставува закана за да се придвижи кон нова шума.

-Третиот крак од пожарот, во насока на езерото Козјак, претставува најголем проблем за нас и очекуваме кога ќе дојде во еден каменест предел, на еден гребен со помош на армиските специјалци да го спречиме и да го прекинеме неговото понатамошно ширење – појасни Ангелов.

Тој информира дека е активирен еден крак од пожарот во атарот на село Јажинце, општина Јегуновце, кој бил под целосна контрола.

– Пожарот се движи во насока на село Долно Орашје и село Радуша од скопска страна, каде се наоѓаат екипи на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ), а набргу ќе полета и еден армиски хеликоптер – рече Ангелов.

Ангелов апелираше граѓаните, земјоделците и сточарите да бидат многу внимателни во следниот период.