Skip to main content
Македонија

ДЗР: МЕПСО со раст на приходи, но со неправилности во управувањето со имотот, инвестициите и човечките ресурси

25/06/2026  11:15

АД МЕПСО Скопје остварува раст на приходите, но се соочува со сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства, што директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем, соопштуваат од Државниот завод за ревизија по изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија, Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост Скопје, (АД МЕПСО Скопје) за 2024 година.

Ревизорите утврдиле дека, иако надлежните служби во континуитет преземаат активности за усогласување на работењето на друштвото со позитивните законски акти, утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема уреден правен статус, a има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција.

-Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за недвижности, далекуводи катастар додека друштвото за 59 не располага со имотни листови. За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост, се наведува во соопштението од ДЗР.

Сѐ уште, како што посочуваат ревизорите, постојат нерешени имотно-правни прашања во врска со 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД , при што за истите запишано е право на сосопственост само на ЕВН Македонија АД или се во постапка на запишување на права на сопственост/постапка на преземање.

Ревизијата утврдила дека Друштвото во повеќе наврати иницирало постапки за решавање на сопственоста на трафостаниците.

Во 2025 година формирана е заедничка работна група, која договорила процесот да се реализира во два фази, преку меѓусебен пренос на право на сосопственост (соодветен идеален дел) на трафостаниците запишани на име на секое од друштвата, додека за неизложените трафостаници утврдување на фактичката состојба и конечно уредување на сопственичките права продолжува.

-Дополнително утврдено е дека со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците (евидентирани се по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи) не е можно да се потврди нивниот број и вредност. Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје, велат од ДЗР.

Ревизорите констатирале дека материјалните средства во подготовка не се правилно признати и евидентирани , при што дел од нив се однесуваат на завршени проекти кои не се ставени во употреба (74.176 илјади денари или 1.202.200 евра), а за дел не може да се потврди нивната состојба, потреба и оправданост поради недостиг на документација (19.100 илјади денари). Поради ненавремено признавање на овие средства не бил пресметан и признат трошок за амортизација во претходниот и тековниот период, што влијание и на остварениот финансиски резултат од работењето.

-Исто така, на остварениот резултат од работењето за 2024 година влијае и не искажаниот трошок по основ на расходувани средства со сегашна вредност од 16.386 илјади денари утврдени по попис, како и непресметаната амортизација на дел од ново набавените материјални средства и инвестициите со кои се зголемува корисниот век на употреба, капацитетот и функционалноста на средствата во вкупен износ од 16.419 илјади денари, се додава во соопштението.

Ревизорите во извештајот обелоденуваат дека во изминатите тринаесет години АД МЕПСО реализира значајни инвестициски активности за изградба, реконструкција, ревитализација и модернизација на електропреносната мрежа , при што е утврдено дека степенот на нивна реализација се движи од 9 отсто до 62 отсто.

-Кај дел од проектите постои зголемување на вредноста на склучените договори, пролонгирање на рокот за нивната реализација, а два договори кои делумно биле реализирани се раскинати. Kај три проекти има зголемување на вредноста на првично склучените договори, при што најголемото зголемување од 51% (1.481.657 евра) е кај проектот „Ревитализација на 110kV ДВ ТС Скопје 4-ТС Велес” чиј износ по зголемувањето изнесува вкупно 4.393.609 евра, додека најголемото пролонгирањето од пет години и осум месеци е кај проектот „Реконструкција на 110kV Далекувод ТС Битола 1-ТС Прилеп”. Истовремено за проектот „Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово – ТС Милетково”, иако во јуни 2024 година одобрен е заем од ЕБРД во износ од 26.400.000 евра, сè уште не се започнати активности за изградба, поради што за одобрување на заемот и провизија за неповлечени средства платени се 155.672 евра (22.205 евра во 2024 година), се наведува во соопштението.

Овие состојби, според ревизорите, негативно влијаат врз модернизацијата и сигурноста на преносната мрежа и упатуваат на потреба од поефикасно управување со инвестициските проекти.

-АД МЕПСО Скопје користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции за финансирање на инвестиции, при што значителен дел од одобрените средства не е повлечен, што резултира со дополнителни трошоци за провизии и камати. Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102.400.000 евра, од кои 52% или 53.434.992 евра не се повлечени, за што во 2024 година платена е провизија во износ од 245.629 евра (2.633.953 евра за периодот откако се одобрени заемите, се до крајот на 2025 година), велат од ДЗР.

Ревизијата утврдила дека заклучно со 2024 година, за земените заеми, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од 8.996.052 евра, што претставува 8,8 отсто од вкупниот износ на одобрени заеми. Ненавременото користење на заемите, како што посочуваат од ДЗР, го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем.

-Побарувањата по дадени заеми на акционерски друштва во државна сопственост изнесуваат 591.990 илјади денари (приближно 9.594,652 евра) и истите се повеќе од 10 пати зголемени во однос на 2020 година. Давањето заеми не е основна дејност на АД МЕПСО Скопје, поради што ваквата практика негативно влијае врз ликвидноста и финансиската состојба на друштвото, се вели во соопштението.

Ревизијата утврдила дека дел од побарувањата на друштвото (12%) се постари од три години , при што најголем дел од нив се побарувања по основ на предизвикан дебаланс од страна на правни лица – трговци на електрична енергија (БОС), како и на побарувања за користење на прекугранични преносни капацитети. За наплата на доспеаните побарувања преземени се мерки преку репрограмирање и извршни постапки, но за одредени предмети кои се од постар датум не беа образложени причините кои довеле до состојба побарувањата да не се наплатат. Имајќи ја во предвид старосна структура на побарувањата, како и неизвесноста на долготрајните извршни постапки, истакнуваме дека постои неизвесност во однос на нивната наплата.

Со извршената ревизија било утврдено дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија бележат раст, главно поради повисоките тарифи за пренос, иако количината на пренесена енергија има благ пад. Истовремено, како што посочуваат од ДЗР,приходите од прекуграничните преносни капацитети значително се зголемуваат, дебалансите во преносната мрежа покажуваат тренд на стабилизирање, а загубите во мрежата се намалуваат, иако трошоците за нивно покривање остануваат под влијание на цените на електричната енергија.

-Кај 65 отсто од нововработените лица (45) утврдени се неправилности во однос на исполнувањето на условите од јавниот оглас и актот за систематизација и распределбата на работните места, а кај дел од нив кратко по вработувањето е извршено прераспределување или унапредување, истакнуваат од ДЗР.

Во 2024 година АД МЕПСО Скопје, како што се наведува во соопштението, било цел на сајбер напад кој предизвикал привремена недостапност на дел од ИТ системите и податоците, без притоа да биде нарушен преносот на електрична енергија. – Настанот укажа на потребата од дополнително зајакнување на сајбер безбедноста преку технички и организациски мерки. Во извештајот ревизорите ја потенцираат потребата од санирање на оштетената фасада во 2020 и 2021 година, за чија реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 547.058 илјади денари, односно приближно 8.866.400 евра, посочуваат од ДЗР.

Со ревизијата утврдени се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициона програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори, начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото.