Skip to main content
Македонија

Два часа пред трагедијата полицијата интервенирала кај починатата Ивана

03/03/2026  15:06

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција изнесе нови детали за трагичниот настан во скопската населба Карпош, во кој животот го загубија мајка и малолетно дете по пад од зграда.

Според информациите што ги соопшти министерот, на 03.03.2026 година околу 14:00 часот во Министерство за внатрешни работи била примена пријава од случаен минувач дека жена и девојче паднале од зграда. Полициски екипи веднаш излегле на местото на настанот, каде што биле преземени сите неопходни мерки и активности.

Тошковски посочи дека на трагедијата и претходел друг настан истиот ден. Во 12:05 часот била примена пријава за расправија меѓу сопружници на истата адреса. Полициски службеници пристигнале на терен и извршиле разговор со Ивана, која, според министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција. Таа навела дека брачните односи ги решава преку бракоразводна постапка. За извршениот разговор била составена службена белешка, која таа ја потпишала.

Министерот нагласи дека сите околности поврзани со двата настани се целосно документирани и ќе бидат предмет на натамошна анализа и постапување од надлежните институции.

Во врска со случајот, Тошковски информираше дека Стојанче Јовановски е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот.