
Турската полиција заплени околу 350 килограми кокаин во голема операција во пристаништето Мерсин, со што, според турските власти, е пресечен меѓународен синџир за шверц на дрога од Јужна Америка.

Кокаинот бил пронајден на товарен брод кој пристигнал од Бразил, а неговата пазарна вредност се проценува на околу 1,5 милијарди турски лири, односно приближно 26,6 милиони евра.
Во рамките на операцијата се уапсени деветмина осомничени, кои претходно биле идентификувани и следени со технички и физички надзор. Против нив е поведена постапка за производство и трговија со опојни или стимулативни супстанции.
Според информациите на турските власти, полицијата добила сознанија дека голема количина дрога се транспортира со брод од Јужна Америка кон Турција. Истрагата покажала дека товарниот брод од Бразил требало да пристигне во пристаништето Мерсин, по што била организирана полициската акција.
При претресот биле откриени 12 големи пакети со приближно 350 килограми кокаин. Полицијата пронашла и нуркачка опрема и опрема за подводни скутери.
Според истрагата, криминалната мрежа планирала кокаинот да го сокрие во дел од трупот на бродот под површината на водата. Потоа нуркачи требало да ја извадат дрогата и да ја пренесат кон западните провинции на Турција.
Операцијата била резултат на заедничка работа на полициските единици за борба против наркотици и разузнавачките служби во Истанбул и Мерсин.
Турските власти порачаа дека борбата против меѓународните мрежи за трговија со дрога ќе продолжи на сите нивоа – од транспортот и дистрибуцијата до финансиерите и организаторите на криминалните групи.
„Нема да има толеранција кон трговците со дрога, ниту премин за нарко-босовите“, беше порачано по операцијата.
Акцијата во Мерсин следува само два дена по апсењето во Истанбул на Ислам Јакут, кого турските власти го посочуваат како водач на меѓународна организација за трговија со дрога и кој бил во бегство од 2017 година.

