
Пожарот во реонот на селото Палиград се приближува кон населеното место, а противпожарните екипи ќе останат на терен во текот на целата ноќ со цел да го заштитат селото и неговите жители.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, вечерва е директно на терен во Палиград, каде заедно со екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје ја следи состојбата и активностите за локализирање и ставање на пожарот под контрола.
Според информациите од ЦУК, екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и континуирано ќе го следат движењето на огнената линија. Тие се подготвени да интервенираат во секој момент доколку се појави опасност за куќите и жителите на Палиград.
За утре во раните утрински часови е предвидена и воздушна интервенција за гаснење на пожарот.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека состојбата будно се следи и дека, заедно со екипите на терен, ќе бидат преземени сите неопходни мерки за навремена реакција и заштита на населението.

