Skip to main content
Македонија

Драма во Штип: Багер во четири часот наутро удрил во семејна куќа додека сопствениците спиеле

08/07/2026  10:01

Несекојдневен и вознемирувачки инцидент се случил рано утринава во Штип, откако градежна механизација започнала со уривање на дел од семејна куќа додека во неа сè уште се наоѓале сопствениците.

Според сведочењето на сопственикот Џенгис, настанот се случил околу 4 часот наутро. Тој тврди дека багер пристигнал пред неговиот дом и со корпата двапати удрил во ѕидот од куќата, додека тој и неговото семејство спиеле.

Од ударите бил оштетен дел од објектот, а семејството било вознемирено од случувањата.

Во изјава за ТВ М Нет, Џенгис вели дека бил шокиран од начинот на кој започнало уривањето и дека не очекувал ваков развој на настаните. Тој посочува дека нема да дозволи оштетениот дел од ѕидот да биде отстранет сè додека надлежните институции не извршат увид и не ја документираат состојбата на терен.

„Багерот дојде околу четири часот наутро и двапати удри во ѕидот со корпата. Ќе чекам да дојдат надлежните, да направат увид и да утврдат каде е проблемот. Ѕидот нема да се тргне додека не се заврши постапката, без разлика дали ќе трае 24 или 48 часа“, изјавил Џенгис.

Тој категорично тврди дека неговата куќа е легално изградена и дека не станува збор за дивоградба.

„Куќата ми е легална, ништо не е дивоградба“, нагласува сопственикот.

Засега нема официјално соопштение од надлежните институции за околностите под кои дошло до оштетувањето на објектот, ниту дали станува збор за грешка при извршување на градежни работи или за постапување по претходно донесено решение. Се очекува случајот да биде расчистен по увидот и проверките на надлежните служби.