
Судијката Моника Бахчовановска го осуди Елвин Куртовиќ на доживотен затвор за убиството кај Мавровка.
Убиството се случи на 20-ти август минатата година кај Мавровка во еден од најфрекфрентните периоди и места во Скопје. Обвинетиот Елвин Куртовиќ призна вина за убиството на бизнисменот Васил Ефтимов. Рече дека бил под дејство на дрога и не сакал тоа да го изврши. Инаку Куртовиќ кога го изврши убиството беше пуштен на викенд од затворот „Идризово“.
„Не сум добро ниту емотивно, ниту психички. Изразувам каење за кривичното дело. Не сакав да го убијам, се случи несреќа. Бев под дејство на дроги неколку дена, навистина. Претходно лежев за ситни дела во споредба сега со ова. Многу ми е жал, тоа е се што имам да кажам“, рече Куртовиќ минатата недела. Тогаш неговата адвокатка Софија Лаличиќ побара најблага можна санкција, бидејќи нејзиниот клиент бил дрога и не можел да расудува.
„Точно, мојот клиент уби човек. Но барам да им погледнеме на фактите во очи, а тоа е дека во нашата држава се случуваат многу кривични дела затоа што надлежните институции не си ја извршуваат задачата“, рече Лаличиќ пред една недела.
Инаку за вакви дела минималната казна е 10 години, а максималната доживотен затвор.
Васил Ефтимов бил бизнисмен и управител на фирмата Мителмонт за продажба на водоводна опрема. Беше убиен со огнено оружје, а во негова придружба била и неговата сопруга.