
Соопштение на ДОМ:
Демократска обнова на Македонија – ДОМ го поздравува усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, изготвен од известувачот и евро-пратеник од Зелените, Томас Вајц. Овој извештај претставува јасен сигнал дека европскиот пат останува условен со реални и суштински реформи, а не само со декларативни заложби.
Во извештајот се нотира напредок, но истовремено се изразува и сериозна загриженост за доцнењето на клучните реформски процеси, особено во области кои директно влијаат врз владеењето на правото, демократските стандарди и довербата на граѓаните во институциите.
ДОМ особено ја истакнува потребата од итно и суштинско унапредување на Изборниот законик, нотирано и во извештајот, кој мора да обезбеди еднакви услови за политичка конкуренција, поголема транспарентност во изборните процеси и зајакнати механизми против злоупотреби на државни ресурси, како и поправична застапеност на избраните претставници од граѓаните. Без фер изборни правила сите реформски процеси остануваат нецелоани и подложни на политички влијанија.
Истовремено, борбата против корупцијата останува една од најслабите алки во реформскиот процес. Забелешките во извештајот јасно укажуваат дека институционалната независност, ефективната истрага и санкционирањето на коруптивните практики мора да преминат од декларативност во реалност.
ДОМ смета дека овие пораки од Европскиот парламент треба да се сфатат како предупредување дека одложувањето на клучните политички реформи директно влијаат на забавувањето на интеграциските процеси на државата во ЕУ.
Затоа, апелираме до сите политички чинители за итно постигнување на широк политички консензус околу Изборниот законик и за засилување на конкретните мерки во борбата против корупцијата како предуслов за вистинска европска иднина на државата.
ДОМ останува доследен на својата заложба за зелена, демократска и правна држава, во која институциите работат во интерес на граѓаните и европските стандарди се реалност, а не само цел.


