
Соопштение на ДОМ:
Најновите објавени информации за ДУП „Барутана” дополнително отвораат прашања за сопственичките структури зад дел од парцелите. Според објавените податоци, во сопственичката структура на една од компаниите кои поседуваат земјиште во оваа област се појавуваат и лица и компании чии деловни релации се поврзуваат со бизнис-кругови блиски до поранешната и актуелната власт. Овие информации, заедно со објавените деманти, се дополнителна причина институциите да обезбедат целосна транспарентност за сопствеништвото и инвеститорскиот интерес.
ДОМ уште во август ја поддржа петицијата за повлекување и преиспитување на Нацрт-ДУП-от за „Барутана” и јасно побара стопирање на понатамошната бетонизација и уништување на Водно.
Нацрт-ДУП-от предвидува нова изградба во стрмен и пошумен предел на Водно, иако самиот плански материјал укажува на специфичноста на теренот. Предвидени се нови објекти со големи површини, а со реализацијата на планот се отвора и прашањето за уништување на значителна површина шумско и заштитно зеленило.
Не може прво да се купува земјиште, а потоа урбанистичкото планирање да се приспособува на очекувањата на инвеститорите за негово максимално градежно искористување.
Фактот дека станува збор за приватни парцели не значи дека приватното право на градење е над јавниот интерес, безбедноста на граѓаните и заштитата на природата.
ДОМ останува на својата позиција дека со сите расположливи законски и институционални механизми мора да се спречи овој штетен план.
Затоа уште еднаш ги потенцираме нашите барања:
- повлекување и темелно преиспитување на Нацрт-ДУП-от „Барутана”;
- целосна транспарентност за сопствениците и инвеститорите поврзани со парцелите во планскиот опфат;
- независна стручна анализа за геолошките, хидролошките и ерозивните ризици пред каква било одлука за изградба;
- усогласување на планот со повисоките плански документи и со реалните природни ограничувања на теренот;
- зачувување на шумата и зеленилото на Водно;
- урбанистичкото планирање да не биде инструмент за зголемување на вредноста на приватното земјиште на сметка на јавниот интерес.
ДОМ ќе продолжи да соработува со советниците и граѓанските иницијативи кои се спротивставуваат на бетонизацијата на Водно и ќе го поддржи секој законски и институционален чекор за запирање на штетниот план.
Водно не е ничиј градежен плен.

Водно е на сите скопјани.

