Skip to main content
Македонија

ДОМ: 1,13 милијарди евра за увоз на храна, а нивите пусти

18/11/2026  14:05

Соопштение на ДОМ:

Држава што не може самостојно да ги прехрани своите граѓани ја губи својата суштинска независност. Додека обработливото земјиште се топи – намалено за една четвртина за 35 години (од 664.000 на 504.000 хектари) – увозот на земјоделски и прехранбени производи лани достигна енормни 1,13 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе од извозот (564 милиони евра). Истовремено, реалната вредност на домашното производство едвај и да се зголемила за 4,1 отсто во однос на 1992 година.

Симболот на македонското земјоделство, тетовскиот грав, е најдобар доказ за ваквиот колапс: приносите што некогаш достигнувале околу 120 килограми по декар, денес се сведени на едвај 10 до 20 килограми. Дополнително, системот за наводнување во Теарце, наменет за околу 150 земјоделци, иако е изграден, сè уште е заглавен во административни лавиринти и не е ставен во функција. Проблемот повеќе не е само во условите за работа, туку во институционалната неспособност јавните инвестиции да стигнат до оние за кои се наменети.

ДОМ бара итна промена на пристапот и долгорочна стратегија за прехранбена сигурност преку:

• строга заштита на плодното земјоделско земјиште од пренамена и уништување;

• директна поддршка за малите и семејните земјоделски стопанства;

• субвенции поврзани исклучиво со реално производство и мерливи резултати;

• итни инвестиции во наводнување, складирање, преработка и организиран пласман;

• јасна стратегија за климатска отпорност и поттикнување на локалната потрошувачка.