
Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ продолжува со проекција на четири документарни филмови од Турција, Узбекистан, Авганистан и Босна и Херцеговина.

Претпладне во кино салата на НУ Центар за култура ќе бидат емитувани филмовите „Половина од мојот живот“ на Адем Гилиз и Јилмаз Демир од Турција кои подготвија филмска приказна за изработката на плетени кошници, како и аргентинско-узбекистанскиот филм „Чекајќи го морето“ кој го подготвија Лукас Пенафорт и Фернандо Гонзалес, посветен на првото пристаниште во светот кое пресушило од човечка рака.
Во вечерната програма, во киното „Манаки“ во Битола, ќе бидат емитувани авганистанскиот филм „Дера“, подготвен од Омид Ахмад Адрак, посветен на сиромашно семејство од Авганистан, додека документарниот филм „Последниот теферич во Чевљновиќи“ е снимен во Босна и Херцеговина и авторот Недим Лончаревиќ е фокусиран на битката на бикови.
Синоќа на Интернационалниот етнографски филмски фестивал во Битола, премиерно беше емитуван документарниот филм „Стоте колони на Скопје“ чиј автор е холандскиот режисер Антонио Паолети.