
Во судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 млади лица, Јавно обвинителство на Северна Македонија денеска презентираше нови докази од увидот на местото на настанот, откривајќи сериозни пропусти во безбедноста на објектот.
Според обвинителството, во внатрешноста на дискотеката биле користени бројни горливи материјали, како стиропор, первол, гипс картон и дрвени елементи, кои значително придонеле за брзото ширење на пожарот. Пред судот бил презентиран фотоалбум со 92 фотографии, кои ја прикажуваат состојбата по несреќата – вклучително и распоредот на бината, влезовите и решетките на прозорците.
Дополнително, биле пронајдени три празни противпожарни апарати, што, според обвинителството, укажува на неподготвеност за справување со пожар. Над бината биле поставени метални конструкции на мала висина, со растојание од околу 2,7 метри до плафонот.
Посебно внимание предизвика и пронајдената пиротехничка фонтана, чиј домет бил поголем од растојанието до плафонот, што дополнително ја зголемило опасноста од избувнување на пожар.
Обвинителството посочи и на сериозни пропусти во евакуацијата – заклучени и нефункционални врати, вклучително и странична врата без рачка со катанец, што значително го отежнало излезот на присутните.
Во записникот е наведено дека пожарот избувнал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на музичката група ДНК.
Дополнително, беше истакнато дека сунѓерот во објектот, набавен уште во 2012 година, бил високо запалив и при горење создавал жешки капки. Според вештачењето, вакви траги биле пронајдени и кај дел од жртвите, меѓу кои и кај пејачот Андреја Ѓорѓиевски.
Денешното рочиште започна со тензии, откако одбраната побара изземање на дел од вештачењата на Институтот за судска медицина. Судот ги одби тие барања како неосновани, по што доказната постапка продолжи.

