Skip to main content
Балкан

Додик остана и без дипломатскиот пасош, мора да го врати во рок од 15 дена

19/08/2025  18:57

На поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, му е одземен дипломатскиот пасош, дознава Klix.ba.

Според документот што го поседуваат, Додик има 15 дена да го врати пасошот во Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина.

Во случај Додик да не постапи во наведениот рок, Министерството за надворешни работи ќе ја извести Граничната полиција и дипломатско-конзуларната мрежа на БиХ за фактот дека неговиот пасош е поништен.

Да ве потсетиме дека на Додик му е одземен мандатот со одлука на Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ, која беше потврдена од Апелациониот совет на Судот на БиХ.

Мандатот му е одземен поради конечната пресуда за неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, која беше донесена во јули.

Додик беше осуден на една година затвор, која ја откупи со плаќање на 36.500 КМ, и шестгодишна забрана за политичка активност. Во согласност со вториот дел од пресудата, неговиот мандат беше одземен и, од 18 август, тој ја загуби функцијата претседател на РС.