Skip to main content
Македонија

До крајот на неделава водата во Гостивар ќе може да се пие, уверува Клековски

29/07/2026  13:26

Последните податоци на новозаболени укажуваат на смирување на епидемијата во Гостивар, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека во изминатите 24 часа се регистрирани 71 нов прв контакт.

Според него, оваа бројка е на ниво на вообичаената фрекфенцијата што била забележана пред почетокот на епидемијата, односно пред 25 јуни.

„Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Формален крај на епидемијата ќе може да се прогласи кога врз основа на епидемиолошките анкети ќе се утврди дека веќе нема случаи поврзани со градскиот водовод во Гостивар“, кажа тој, додавајќи дека последната бројка на нови болни може да е резултат на сосема други причини.

Оцени дека намалувањето на бројот на заболени е резултат на подобрување на водата во градскиот водовод.

„Калитетот на водата е значително е подобрен и таа се хлорира соодветно. Очекуваме бројките дополнително да се намалуваат“, вели министерот.

Посочи дека штом нивото на резиндуален хлор ќе биде постигнато во сите крајни мерни точки, Управувачкиот комитет ќе констатира дека водата е соодветна за пиење и за подготовка на храна.

Клековски додаде дека очекува до крајот на неделата водата во Гостивар да биде безбедна за пиење.

„Верувам дека до крајот на неделата водата ќе може да биде безбедна за пиење. Нивото на хлорот е подобрено. Преземени се мерки за обезбедување на каптажата, подобрена е контролата на системот“, додаде тој.