
Во последниот период, особено по новата изјава на министерот за надворешни работи на Бугарија, се потврдува она што македонската јавност одамна го чувствува – дека влезот на Република Македонија во Европската Унија е систематски условуван со низа барања кои не произлегуваат од европските вредности, туку од субјективни, билатерални и политичко-историски фрустрации. Секое ново барање од страна на Софија значи задлабочување на неправдата и подривање на нашиот идентитет и суверенитет.
Фактот што бугарскиот министер јавно изјавува дека „внесувањето на Бугарите во Уставот“ е само дел од многу поголем пакет барања, само потврдува дека ова е бескрајна игра на условувања. Таквиот пристап го крши духот на Договорот за добрососедство и го поткопува процесот на проширување на ЕУ. Наместо да помогне, Бугарија всушност ја заложува европската перспектива на Македонија за свои внатрешно-политички и историски фрустрации. Наместо да се фокусира на стандардите на ЕУ – владеење на правото, борба против корупцијата, економски реформи – Бугарија инсистира на идентитетски прашања и историски наративи, што е спротивно на принципите на Унијата.
Станува мошне јасно дека Република Бугарија нема намера да го почитува духот на добрососедството и европските вредности. Ова не е Европа на Монет и Шуман, туку Европа на уцени, двојни стандарди и аршини. ЕУ со ваквиот пристап губи кредибилитет, особено на Балканот, каде што граѓаните веќе чувствуваат разочараност и неправда. Доколку ЕУ и понатаму дозволува ваков тип на бесконечно условување, тогаш зборовите за владеење на правото, почитување на различноста и фер процес стануваат празна реторика.
Република Македонија веќе има направено сериозни отстапки и болни компромиси – од Преспа, до Договорот за добрососедство со Бугарија. Но, наместо охрабрување и поддршка, следува нова спирала на условувања. Со тоа се создава впечаток дека процесот на европска интеграција е заложник на една земја-членка, што претставува преседан и отстапување од основните начела на Унијата. Ако ЕУ и натаму дозволува внатрешната политика на една нејзина членка да се претвори во инструмент на надворешна блокада, тогаш и самата Унија го губи кредибилитетот како заедница на вредности. Зошто идните кандидати за членство би верувале дека ќе бидат третирани еднакво и праведно, кога Македонија се соочува со бескрајни, политички злобни и неиздржани „тестови на зрелост“ од страна на ретрограден политички менталитет?
Македонија заслужува јасен, објективен и принципиелен пристап. ЕУ мора да разграничи што е легитимен реформски критериум, а што е историска уцена со геополитичка и идентитетска позадина. Во спротивно, ќе продолжи падот на довербата во европскиот проект – не само кај македонските граѓани, туку и пошироко на Балканот. Не може европскиот пат да се гради врз обиди за присвојување на туѓа историја и ретуширање на сопствената, врз обиди за понижувања и ревизии на идентитетот.
Република Македонија мора да остане на јасната и принципиелна позиција: 1). Никакви нови и дополнителни отстапки, особено не отстапки што задираат во националниот идентитет. 2). Итно, со поддршка од ЕУ и други пријатели, да се бара нова, јасно дефинирана рамка со конкретни рокови и гаранции, обврзувачки за Брисел и Софија и 3) Да се инсистира на активно вклучување на САД и други меѓународни актери како гаранти и набљудувачи на довршувањето на евроинтеграциониот процес на Република Македонија.
Членките на ЕУ мора да знаат и да се свесни дека Република Македонија не бара асимилација туку интеграција. Република Македонија не бара ништо повеќе од она што ѝ припаѓа – еднаков третман, почитување и фер шанса. Доколку ЕУ навистина верува во себе, тогаш Македонија мора да биде дел од неа – како достоинствена и рамноправна држава.
Проф. д-р Јове Кекеновски