Skip to main content
Македонија

До 25 септември без врнежи, потоа вистинска есен, врнежи и снег на планините

18/09/2025  08:37

Метео анализа на Славчо Попоски:

Невообичани ладни утра за овој период од годината со потпросечни температури на воздухот се пред нас, а преку денот ќе имаме многу сонце  и ведро време без никаква облачност. Наутро температурите во најголем дел од Македонија ќе се спуштаат под 10 степени, локално и под 5 степени а на високите и на планинските места температурите ќе се спуштаат близу 0 степени, со што е можна појава на слаб мраз  и на слана.

Токму ова е поради влијанието на силниот Антициклон (Поле на висок воздушен притисок) кој е распространет во најголем дел од Европскиот Континент и истиот условува да имаме токму ваква временска ситуација и развој на вакви временски услови. Преку ден пак ќе биде пријатно топло со максимални дневни температури кои ќе се искачуваат во интервалот од 21 до 30 степени.

Ваквата временска состојба кај нас ќе се задржи се до 25 септември, по што следува голема промена на временската состојба кај нас, надоаѓање на вистинската есен и многу пониски температури на воздухот, многу повеќе врнежи а на планинските места и појава на снег.