Skip to main content
Македонија

ДКСК почна антикорупциска проверка на законите за угостителска дејност, за заштита и спасување, за инспекциски надзор и за локална самоуправа

24/03/2025  13:07

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локалната самоуправа, како и на други материјални закони, со цел, како што велат, да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над истите.

– Како основни резултати од антикорупциската проверка очекуваме зајакнување на превентивниот пристап и наместо да се реагира на коруптивните практики пост-фактум, да имаме проактивност со што ќе се овозможи законите да бидат ослободени од коруптивни ризици. Преку постапката ќе се направи и проценка на ризиците и ќе се анализираат специфични одредби кои може да создадат услови за фаворизирање, дискреционо одлучување или недостаток на транспарентност, се наведува во соопштението.

Од ДКСК велат дека ќе вклучат повеќе засегнати страни преку соработка со релевантни институции и граѓанското општество, што ќе обезбеди независност и објективност при анализата.

Сите резултати, како што истакнуваат од ДКСК, ќе бидат јавно достапни и целиот процес ќе биде транспарентен и јавен, а извештаите и препораките ќе бидат доставени до Владата и до Собранието, за да се подобрат овие закони, и со тоа да се влијае и да не се остава простор за коруптивни активности.

– Укажуваме дека ДКСК како одговорна институција за антикорупциската проверка на легислативата, главно за законите во фаза на изготвување, мора да биде во постојан контакт со надлежните министерства кои доставуваат предлози за усвојување на закони и изготвуваат нацрт закони и законодавни предлози за кои овластен предлагач е Владата на Република Северна Македонија, како и да биде навремено информирана во случај на можни иницијативи за изготвување на нова законска регулатива или за измени на постојните закони од друг овластен предлагач на закони, се наведува во соопштението од ДКСК