
Директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.

Оставката на Оџаклиески следува по реакциите во јавноста во врска со снимањето на спотот „Секси мама“ од страна на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство на државата.
За случајот денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.
Оџаклиески во оставката наведува дека во конкретниот случај не е прекршен ниеден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука донесена од Управниот одбор на установата. Според него, станува збор за постапка што била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата.
Сепак, како што посочува, раководењето со јавна институција подразбира одговорност што не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.
– Иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката – наведува Оџаклиески.
Тој упатува и извинување до јавноста за настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст нагласувајќи дека извинувањето го упатува како израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел.
– НУ Историски музеј – Крушево е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција – се наведува во оставката.
Оџаклиески истакнува дека оставката ја поднесува со чиста совест во однос на законската одговорност, но со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата директор на јавна установа.

Со овој чин, како што наведува, предност им дава на угледот и интересот на институцијата пред личното задржување на функцијата.
