
Македонија и во 2026 година останува атрактивна дестинација за странски инвестиции, со конкретни најави за нови вложувања и интензивни преговори со голем број компании.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ истакна дека државата ја менува стратегијата и сè повеќе се фокусира на квалитетни инвестиции кои носат повисока додадена вредност.
Најголемото изненадување од неговото гостување е најавата за влез на реномирана американска компанија, која ќе инвестира во секторот на високата технологија.
„Станува збор за високотехнолошко производство. Нашата цел е да привлечеме инвестиции што ќе создаваат работни места со високи плати – тоа е вистинскиот бенефит за граѓаните“, нагласи Димовски.
Според него, инвестицискиот циклус е веќе во полн замав. Во моментов, 3 до 4 нови инвестиции се финализирани, додека паралелно се водат разговори со уште 17 до 20 компании заинтересирани за вложување во Македонија.
Покрај најавената американска компанија, се очекуваат инвестиции и од германски и турски компании, што дополнително ја зајакнува позицијата на земјата како регионален центар за индустриски развој.
Димовски најави дека јавноста во наредниот период ќе биде детално информирана за секоја нова инвестиција, како и за капацитетите и бројот на работни места што ќе ги донесат.
Со ваквиот пристап, ТИРЗ се позиционира како клучен двигател на економскиот раст, насочен кон модерни технологии, стабилни инвестиции и долгорочен развој на економијата.


