Skip to main content
Македонија

Димитровски: ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија

03/12/2025  15:03

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на ЦЕФТА неделата 2025, што се одржа во Приштина, Косово. Настанот, организиран од актуелното косовско претседателство со ЦЕФТА, беше фокусиран на унапредување на конкурентноста, дигиталната трансформација и на постепената интеграција на регионот во Европската Унија.

Во своето обраќање, Димитровски, нагласи дека од декември минатата година, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презеде и надлежноста за надворешната трговија. Во таа смисла, посочи дека оваа трансформација е дел од пошироката определба на Владата да ја зајакне економската дипломатија, да го подобри економскиот настап на државата во странство и да создаде поцврсти врски со меѓународните пазари. Активностите поврзани со ЦЕФТА се само дел од пошироката економска агенда на Министерството, чија цел е да создаде подобра деловна клима и да ја зајакне позицијата на државата на регионалните и европските пазари.

Димитровски во своето излагање, особено го акцентираше претседавањето на Република Северна Македонија со два клучни органи во рамките на ЦЕФТА – Комитетот за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки. Тој посочи дека под наше водство биле постигнати значајни и практични резултати во однос на подобрени процедури за стопанството, дигитални алатки кои го олеснуваат пристапот до пазарите, поефикасни системи за следење на трговските бариери, како и унапреден процес на меѓусебно признавање на одредени професионални стандарди.

Во овој контекст, тој објасни дека модернизацијата и дигитализацијата кои ги спроведуваат земјите од ЦЕФТА придонесуваат регионот постепено да се усогласува со европските правила и практики, што е важно за економиите и за деловната заедница.

„ЦЕФТА не е само наш регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија,” нагласи Димитровски.

Во дискусиите беше потврдено дека напредокот на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 останува клучно достигнување на регионот, а дека ЦЕФТА продолжува да се развива во попредвидлив и поконкурентен систем ориентиран кон потребите на стопанството. Заменик-министерот истакна дека посакува ЦЕФТА до 2030 година природно да го заврши своето постоење, бидејќи Република Северна Македонија, земјите од Западен Балкан и Молдавија ќе станат членки на ЕУ, исто како што тоа се случи со земјите од Централна Европа, со што ЦЕФТА целосно ќе ја исполни својата мисија.

На маргините на настанот, заменик-министерот оствари и повеќе средби со претставници од земјите партиципиенти на ЦЕФТА при што бес разменети мислења за продлабочување на економската соработка и зајакнување на интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.