Skip to main content
Македонија

ДИК ја започна дистрибуцијата на над еден милион избирачки ливчиња

30/10/2025  08:58

Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола утрово ќе започне дистрибуцијата на 1.013.357 избирачки ливчиња за гласањето во вториот круг на Локалните избори 2025, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).

Граѓаните во вториот круг ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Во сабота ќе гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор, чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.

Локалните избори ќе ги следат 1.569 набљудувачи – 904 домашни и 651 меѓународен, а акредитирани за известување се и 14 странски новинари. На 2 ноември ќе има прегласување за членови на совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари, каде што можно е да се влијае на распределбата на советничките мандати.

Во Градот Скопје право на глас имаат 474.394 гласачи кои ќе избираат меѓу Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Амар Мециновиќ од Левица. Во првиот круг Ѓорѓиевски освои 91.663 гласа, а Мециновиќ 30.665 гласа. Втор круг ќе се одржи и во општините Карпош, Центар, Аеродром и Шуто Оризари.

Во Карпош изборната трка ќе се води меѓу актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски, кој во првиот круг освои 10.284 гласа, а Јакимовски 8.761. Во оваа општина право на глас имаат 56.856 избирачи.

Во Аеродром противкандидати се Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ, кој доби 16.357 гласа, и Александар Трајановски од СДСМ со 6.881 глас. Таму има 68.772 избирачи. Во Центар изборната трка ќе се води меѓу Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ, со 5.707 гласа, и актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ со 8.535 гласа.

Во Шуто Оризари се натпреваруваат Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 1.841 глас, и Курто Дудуш од Унија на Ромите со 3.223 гласа. Таму има 23.893 гласачи.

Втор круг ќе има и во Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебрца, Демир Капија, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново-Облешево и Чучер-Сандево.

Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, каде што не беше исполнет цензусот од една третина излезност, ќе се спроведе нова изборна постапка по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.