Skip to main content
Uncategorized

Џамбазов: Необразовани, неталентирани полусветови одлучуваат за клучните работи на човечкото постоење

21/04/2025  15:25

Популарниот уметник Игор Џамбазов во интервју за порталот Рацин.мк зборувапе на неколку важни теми меѓу кои екологијата, неговиот ангажман со проектот и емисијата Агенда 21 како и за неговата одлука Скопје да го замени со Дојран.

„Знаеш кога си необразован, кога си неинформиран, кога си во мрак тотален, тебе ти останува да бидеш негативен за да дојдеш до израз. Оти позитивно не можеш да влијаеш, очигледно. И го забележав тоа дека луѓето, нѐ послушаа во смисла на тоа дека сè почнува од дома. Сè почнува од децата, од семејниот ручек, од родителскиот состанок во училиште и тоа. Кога се луѓето организирани, полесно врват работите нанапред. Е ние успеавме да ги собереме сите овие општествено одговорни фирми, да ги убедиме дека мисијата е голема. Навистина е голема мисија да освестуваш еден народ кој до вчера плукаа низ своите автомобили. Сè уште плукат, но верувај ми, бројот е помал“ вели тој за неговиот ангажман во Агенда 21.

На прашањето зошто го одбрал Дојран, Џамбазов рече дека во Скопје има екстремно загаден воздух, бучава и гужва и дека тоа се работи што му штетат на човековото здравје.

„Од што попрво да бегаш од Скопје? Дали од загаденоста, дали од гужвата, дали од бучавата? Тоа се трите, веројатно, работи заради кои луѓето бегаат од Скопје. Мислам, еве имам јас едно станче кое го користам кога одам во, во Скопје се наоѓа во Козле. Козле е средено. Има паркче, има пешачки патеки, сето тоа убаво изгледа. Меѓутоа, музика до еден, клуб, огномети ненајавени над нас. Мотори кои брмчат во еден часот наутро. Млади со БМВ-ња кои дрифтаат тука на Партизанска, на Илинденска. Хаос, хаос. Бучавата и загаденоста, веројатно тоа се работите кои генерациите подоцна ќе ги почувствуваат. Не е здраво тоа што се дише во Скопје“ вели Џамбазов.

Актерот и уметник испрати и порака до оние кои одлучуваат и треба да ги носат законите, кога тоа ќе го прават прво да помислат на сопствените деца.

„Овие што ги спроведуваат законите и што треба да ги донесат, поготово закони за екологија, за заштита на животната средина, имаат свои поколенија? Синови ќерки кои имаат синови и ќерки, значи внуци, тие кој воздух го дишат? Увезен од Бугарија некој? Некој донесен од Али експрес? Купен преку Тему? Истиот воздух го дишат? Или нивните деца се отпорни затоа што нивните татковци ги донеле или не ги донеле законите? Сите го дишеме тој воздух. Значи, ако веќе си на позиција да одлучуваш, прво на твоето дете помисли кога го носиш законот, на твоето дете помисли, што ќе дише моето дете. Необразовани, неталентирани полусветови кои одлучуваат за клучните работи на човечкото постоење воопшто. И токму за тоа Агенда е како една, како еден изблик, како една, како што викаше покојниот Зеко, контра на контрата“ заклучува Џамбазов.