
Директорот на болницата за Геријатрија, Мухсин Арифи, кој е осомничен за поткуп, знаел дека пациентот кој требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот кажал дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан кој го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да го смести болното лице во болницата.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објави детали за случајот. Од таму соопштија дека е побаран притвор за две лица, односно за директорот Арифи и за уште едно лице што му помагало.
Првоосомничениот, односно директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој ѝ закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.
На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.