Skip to main content
Магазин

Депардје ја повлече жалбата на пресудата за сексуален напад

16/11/2026  20:44

Францускиот актер Жерар Депардје ја повлече својата жалба против пресудата за сексуален напад, потврдија денеска неговите адвокати на почетокот на рочиштето пред Апелациониот суд во Париз.

Обвинителите потоа ја повлекоа и сопствената жалба, со што првостепената пресуда – условна затворска казна од 18 месеци за напад врз две жени на филмски сет – стана правосилна.

Депардје не присуствуваше лично на рочиштето.

Декоратерка на сет и асистентка на режија го обвинија дека ги допирал по градите и задникот во 2021 година додека работеле на филмот „Зелените ролетни“ (Les volets verts), во режија на Жан Бекер. Тој, наводно, им упатил и непристојни коментари.

За време на судењето, Депардје негираше дека сексуално ги нападнал жените. Тој призна дека ја допрел декоратерката на сетот за колковите, но инсистираше дека неговите постапки не биле сексуално мотивирани.

Обвинителите тврдеа дека нападите биле намерни. Покрај условната казна, судот му наложи на Депардје да им исплати отштета на двете жени и го впиша во регистарот на сексуални престапници.

Обвинувањата против Депардје се трупаат со години. Минатата недела медиумите објавија нови детали за обвинувањата. Француската филмска икона ги негираше обвинувањата.

Наградуваниот актер има одиграно улоги во повеќе од 200 филмови, од кои многу станаа филмски класици, како што се „Сирано де Бержерак“, „Астерикс и Обеликс“ и „Последното метро“.